|
Hello, I love you
Мислења: 2,320
Изразил благодарност: 416
Заблагодарен 1,142 пати во 608 постови
Зачленет: Jul 2008
Локација: Summernight City
|

11-07-2010, 14:28
Eх луѓе, концертот помина... и беше спектакуларен! Били има неверојатна енергија и харизма, ја запали публиката. Ги свиреа очекуваните песни (криво ми е за Спид  ), и нешто од поновите албуми... Да не се повторувам, ете нешто од мене, напишано наредниот ден по концертот.
Цитат:

Rebel Yell!
|
Цитат:
Знам колку бев неподнослива изминатиот период со Били Ајдол. Еуфоријата започна точно на 10 март годинава, кога од tnt од badijala.com дознав за концертот. Десетина дена пред тоа почна да се зборува за концертот на Боб Дилан, ама не бев многу воодушевена од таа вест. Кога дознав за ова, реакцијата беше сосема поинаква - знаев дека што и да е, јас ќе присуствувам. Среќа па што татко ми е човек со кој можам да се разберам, плус и рокер е... и не ми требаше многу молење за да го убедам.
Душата ми излезе додека да најдам карти. На 15 дена до концертот, карти во Битола немаше нигде.
„Уште со Боб Дилан имаат работа, почекај, ќе добиеме, дрн дрн...“. Благодарност до Оризот што ми обезбеди 3 фан пит карти, па не си останав со празни раце или партер влезница за концертот. Кога веќе тие ми беа обезбедени, станав уште понеподнослива. Били ми се смешкаше од многу агли во собата, со неговите песни се будев и заспивав, ги малтретирав сите околу мене и не можев да дочекам да дојде концертот. Всушност, многу повеќе се радував за него, отколку за роденденот (кој беше 3 дена претходно). Зарем можев да замислам поубав подарок, отколку со задоцнување од три дена, Били да ми пее „Sweet sixteen“?
И така... пред психофизички целосно да се пореметам, дојде денот на концертот. Со daddy и брат ми ги истоваривме задниците во едно црвено комбе, полно со други посетители на концертот, и се упативме за Скопје. Многу некултурен народ во тоа комбето бе, мамата... смеење без осет, на глупости кои повеќе се трагикомични, па и желби да запалат цигара и да ми дуваат во нос... бљак, арно што слеговме пред уште повеќе да ме изнервираат. Oтприлика, нешто по 19:00 стигнавме пред Метрополис Арената.
Вратите се отворија околу 19:30, како што и беше најавено. Мислам дека бев меѓу првите десетина посетители во салата. Моите фатија место во прв ред, баш пред микрофоните. Посовршено и не можеше да биде. А мислев дека ќе биде тешко да се фати тоа место.. испадна дека е потешко да го задржиш.
Конечно тргнале работите по светски терк. На картите пишуваше дека концертот почнува во 21:00, и точно тогаш почнаа Психомодо, за загревање на атмосферата и подготовка на тоа што следеше. Харизматични дечки, прв пат ги гледав во живо. По настапот, премногу ме потсеќаат на моите Паркети. Или.. Паркети ме потсеќаат на Психомодо? Или е тоа карактеристично за сите пост-Рамонс бендови? Иако... сепак, мислам дека не беа вистинскиот избор, поради тоа што не им беа многу познати на публиката, го немаше она пеење на сите песни заедно со музичарите. Повеќето од посетителите само играа, не знаеја да гугнат ни стих од нивните песни. Ни јас не сум им голем фан. Може пола од песните ги потпевнував... другите не ми се допаднаа и не ги знаев баш, дали 2 или 3 пати сум ги слушнала. Сценскиот настап им беше доста добар. Вокалот се качуваше по појачалата и столбовите од осветлувањето, а не пропушти ни да се расоблече и да ги покажува своите „плочки“ на стомакот. Настапот им траеше нецел час... потоа уште пола час ја спремаа сцената за настапот на ѕвездата на вечерта со својот бенд.
Били започна со настапот околу 22:30. Со спектакуларни светлосни ефекти се појавија на сцената прво музичарите од бендот, па Стив Стивенс и на крај самиот Били. За своите 54 години, не изгледа воопшто лошо. Со енергично „Ready, steady, go!“ уште во првата минута од концертот, публиката беше воодушевена. Втора песна од репертоарот беше „Dancing with myself“, вистински избор. Ни сама не знам колку скокав и пеев, тешко на тие околу мене. Ама... ич не ми е гајле. Имав место во прв ред на концерт на Били факин` Ајдол... и ништо друго не ми беше важно во моментот! Во текот на целиот концерт, атмосферата не спласна - напротив, стануваше се` подобра и подобра. Можеби мал пропуст негов беше што одбрал да пее и некои помалку познати песни, како „Love is strange“, кои ретко кој од публиката ги знаеше, но сепак, сите се забавуваа.
Кога ја најави „Sweet sixteen“, и ја зеде акустичната гитара во раце, кажувајќи како песната е посвета за некоја посебна девојка... се стопив. Знам дека сигурно не мислеше на мене... ама сепак, прв пат во животот ми дојдоа солзи од среќа. На „Blue Highway“ Били се симна од сцената и прошета во делот за фоторепортерите, да се поздрави со публиката од првите редови. Јас бев помеѓу среќниците кои ја имаа таа шанса. Добив цврсто стегање на двете дланки, Идолот беше толку блиску до мене. Добив повеќе отколку што очекував од концертот... од илјадници луѓе во салата, Били Ајдол да се поздрави со тебе и да ти се насмее баш тебе, воопшто не е мала работа. Барем за мене, не беше. На „Rebel Yell“, ја соблече маицата, и веројатно измами вриштење од секоја женска личност во салата. Од мене го доби тоа.
Човекот очигледно има кондиција за уште мноуг настапи. Годините воопшто не му се одразуваат ни на изгледот, ни на енергијата за концертите. Ја пофали публиката дека е одлична, и дека би сакал повторно да наврати. Тоа веројатно е клише реченица на сите музичари што ја кажуваат на сите концерти, меѓутоа би била пресреќна ако си го исполни ветувањето. По саат и пол свирење, Били ги претстави членовите на бендот, и се повлекоа. Светлата се запалија, сите во публиката имаа фаца од која се читаше „Само толку!?“. Концертот заврши.
На враќање, измрзнав во тоа комбето, многу беше ладно, а и климата дуваше. Од лошите амортизери ја почувствував секоја дупка на патот. Дома се вратив отприлика кај 4 сабајле, преполна со импресии и воодушевувања од концертот. И да, како што ве гњавев до сега за тоа колку убаво ЌЕ си поминам, од сега - гњавењата ќе продолжат, за тоа колку убаво си поминаВ.
*знам дека на 98% од луѓето им се крева косата кога ќе видат толкав текст, и ни под разно не го читаат целосно. Ова го пишувам како резиме на тоа што ми се случи пред нецели 24 часа. Поентата првенствено ми е да си ги изразам чувствата и ставовите. Кој сака - нека чита, кој не - не мора. Благодариме на вниманието.
Edit: Еве ги сите видеа и слики што успеав да ги снимам. Се` е од мобилен, така да квалитетот не е баш супер. Нецели 30 мегабајти е се` заедно во архивата ...
Код:
http://www.megaupload.com/?d=Z4156LIG
|
Ботом лајн, кој не беше - не знае што пропушти. Иако пола од публиката беа позери, кои ни Ребел Јел не ја знаеја, сите се забавуваа. Се надевам дека во догледно време ќе го дочекаме Били во Македонија, или кај некој од соседиве.
|